Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека денеска (25 март) од болниците во Скопје на домашно лекување ќе бидат пуштени 12 пациенти од вкупно 39 пациенти кои се лекуваат во земјава по трагичниот настан во Кочани.
Од оние кои се лекуваат во странство, денеска се очекува едниот пациент да се врати од Белград и да продолжи неговото лекување во Скопје. Од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, во критична состојба остануваат четири до пет пациенти.
„За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде овие пациенти се лекуваат се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период“, рече Таравари на прес-конференција.
Видете и ова: Аплауз за младиот Јован кој спаси 21 живот во пожарот во КочаниОд болниците во земјава, како што посочи, на Детска хирургија нема да има пациенти, а остануваат пациенти на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за токсикологија. Во Градската болница „Св. Наум Охридски“ ќе останат на лекување шест пациенти.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени.
Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.