Германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц ќе отпатува во Париз за да присуствува на самитот за поддршка на Украина овој четврток, изјави неговиот портпарол за новинарите.
„Таму се размислува да се донесат заклучоци, односно конкретни одлуки“, посочи портпаролот на владината прес-конференција во понеделникот.
Самитот, кој се одржува на покана на францускиот претседател Емануел Макрон, ќе се фокусира на координацијата меѓу поддржувачите на Украина, како и можните мировни преговори, додаде портпаролот.
Според Макрон, се очекува на овој самит да присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Видете и ова: Макрон најави нов самит за Украина следната недела„Ќе ја финализираме нашата работа за поддршка на украинската армија и ќе изградиме одржлив и отпорен воен модел за да ги спречиме идните руски инвазии. Ние, исто така, ќе ги дефинираме безбедносните гаранции што можат да ги обезбедат европските сили. Ние сакаме да го заштитиме мирот“, напиша Макрон минатата недела на социјалната платформа X.
Макрон посочи дека на Украина и е потребна веродостојна поддршка за да се осигура дека секој можен прекин на огнот ќе се одржи. Тоа би ја зајакнало и нејзината позиција во можните преговори.
Состанокот во Париз има за цел да се надоврзе на напредокот постигнат на разговорите на воено ниво во Лондон. На нив присуствуваа претставници на повеќе од дваесетина европски и неевропски земји.
Макрон и британскиот премиер Кир Стармер ја предводат иницијативата за формирање на таканаречена „коалиција на подготвените“, која би била составена од нации подготвени да понудат војници или поддршка на мировните сили во случај да се постигне мировен договор за запирање на војната меѓу Русија и Украина, која трае повеќе од три години, потсетува ДПА.
Досега во дискусиите беа вклучени не само лидерите на земјите од НАТО и ЕУ, туку и претставници од други земји, вклучувајќи ги Австралија и Нов Зеланд.