Во израелските напади загинаа најмалку 19 луѓе во Газа

Илустрација

Во израелските воздушни напади низ јужниот дел на Појасот Газа загинаа најмалку 19 Палестинци во текот на ноќта меѓу 22 и 23 март.

Меѓу убиените има и висок политички лидер на Хамас - палестинската група прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската унија, а загинаа и неколку жени и деца.

Израелската армија им нареди на луѓето да евакуираат делови од градот Рафа, кој се наоѓа на границата со Египет. Армијата соопшти дека наскоро ќе преземе акција против милитантите во областа Тел ал Султан - која претрпе голема штета поради претходното гранатирање - во Рафах. Сепак, се уште не е јасно дали наредбата за евакуација сигнализира нова израелска копнена операција.

Израел започна голема офанзива во Рафах во мај минатата година, кога ја презеде контролата врз стратешкиот коридор долж границата со Египет и важен премин.

Во меѓувреме, Хамас соопшти дека Салах Бардавил, член на неговото политичко биро и на палестинскиот парламент, бил убиен за време на нападите во Маваси. За време на нападите била убиена и неговата сопруга.

Видете и ова: Советот за безбедност на ОН ќе одржи седница за израелските напади врз Западниот Брег

Бардавил беше добро познат член на политичкото крило на радикалната палестинска група, кој исто така даваше интервјуа за различни медиуми во последните години.

Во меѓувреме, две болници во јужниот дел на Газа соопштија дека ги примиле телата на 17 Палестинци убиени во нападите во текот на ноќта, вклучувајќи жени и деца.

Израел минатата недела го заврши примирјето со Хамас и започна бран воздушни напади во кои загинаа стотици Палестинци во Газа.

Прекинот на огнот, постигнат во јануари, ги прекина тешките борби што беа предизвикани од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Хамас уби речиси 1.200 луѓе и киднапираше речиси 250 други.

Како резултат на израелската офанзива во Газа, загинаа 49.747 Палестинци, а според Министерството за здравство на Газа, повеќе од половина од жртвите се жени и деца. Израел, во меѓувреме, без да обезбеди докази, тврди дека убил речиси 20.000 милитанти.