Браќата Тејт се вратија од Флорида за судење во Романија

Тристан и Ендру Тејт во Букурешт, Романија, 21 март 2025 година.

Контроверзниот британско-американски инфлуенсер Ендрју Тејт во петокот се врати во Романија со неговиот брат Тристан за да ги исполни судските обврски, по неговиот прв престој во странство по неговото апсење кон крајот на 2022 година за трговија со луѓе и силување.

„Тука сме да ја докажеме нашата невиност“, им рече Ендрју Тејт на новинарите заедно со неговиот брат во предградие на главниот град Букурешт.

Претходно, тој на мрежата X напиша дека потрошил „185.000 долари на приватен авион за да прелета преку Атлантикот и да ги потпише документите во Романија“.

„Невините луѓе не бегаат“, додаде тој.

Ендрју (38) и Тристан Тејт (36) на 28 февруари ја напуштија Романија за да пристигнат на Флорида.

Флорида отвори истрага против браќата Тејт.

Видете и ова: Преживеани од пожарот во романската дискотека „Колектив“ нудат помош на погодените од несреќата во Кочани

Нивната забрана за напуштање на територијата на Романија е укината, но тие се должни да одговорат на секоја покана во Романија. Нивното следно судење е закажано за понеделник, 24 март.

Во Романија се осомничени дека измамиле повеќе жени со цел сексуална експлоатација, меѓу кои и малолетници.

Според обвинителите, Ендру и Тристан ги измамиле жртвите симулирајќи чувства кон нив, а потоа ги принудувале да продуцираат порно филмови.

Ендрју Тејт исто така се соочува со обвиненија за силување. И тој и Тристан досега избегнуваа судење во Букурешт откако беа откриени неправилности во постапката.

Тие, исто така, се соочуваат со обвиненија за силување и напад во Обединетото Кралство, каде што исто така се осудени за даночно затајување и се предмет на барања за екстрадиција.