И српското Министерство за информации бара отстранување на материјали од погребот во Кочани

Погреб на загинатите во пожарот во Кочани

Српското Министерство за информации и телекомуникации денеска издаде јавно предупредување и побара од српските медиуми да ги отстранат фотографиите и снимките што „го нарушуваат достоинството на жртвите и нивните семејства“ од погребот на загинатите во пожарот во дискотека во Кочани, јави дописникот на МИА од Белград.

„Со таквото дејствување, бројни медиуми го нарушија достоинството на жртвите, предизвикаа вознемиреност кај нивните роднини и целата јавност, но и демонстрираа недостиг на свест за потребата од почитување на елементарните професионални стандарди“, се вели во соопштението на Министерството.

Министерството апелираше до медиумите да се придржуваат до законските одредби, професионалните и етичките стандарди при известувањето за прашања од јавен интерес. Тие укажаа на потребата од „зголемено новинарско внимание“ во случаите што вклучуваат теми што можат дополнително да ја вознемират јавноста.

Видете и ова: Владата алармира медиумите кои објавија видео и фото материјали од семејствата да ги отстранат

Претходно македонската Влада упати апел до медиумите кои емитувале видео и фото материјали од погребот на жртвите во Кочани спротивно на препораките да ги отстранат содржините и да не ги шират.

И Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) ги повика медиумите во државата што известуваат за погребот во Кочани веднаш да ги избришат фотографиите и да ги приспособат вестите на етички и професионални стандарди.

Законот за информации и медиуми го штити достоинството на лицето на кое се однесуваат информациите и затоа го повикаа Министерството за информации и телекомуникации да реагира на известувањето на порталите Република, Курир, Блиц, Ало, Телеграф и Мондо.

Здружение на македонски новинари ЗНМ ги повикува медиумските работници и уредници да не отстапуваат од воспоставениот протокол, да покажат почит и одговорност, да не објавуваат содржини кои можат да предизвикаат дополнителна болка и да се придржуваат до стандардите на етичкото новинарство.