Започна мирниот собир на плоштадот во Скопје во чест на починатите во Кочани

Мирен собир на граѓани под паролата „Кој е следен?“ на плоштадот Македонија во Скопје на кој ќе им се оддаде почит на 59-те жртви во пожарот во Кочани.

Стотици граѓани се собираат на на плоштадот Македонија во Скопје за да им оддадат почит на 59 -те жртвите во пожарот во Кочани. Вечерта на 15 спрема 16 март во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 млади луѓе, а над 180 се повредени.

Голем дел од пациентите кои се во критична состојба имаат проблеми со респираторните органи, а некои дури и оштетувања од превисока температура. Дел од нив се уште дишат со респираторна поддршка.

„Вашиот систем уби една цела генерација- иднината на Кочани,“ „Парите со крвави раце ги броите“ и „Немаше да има крв, ако беше се по закон“ се дел од паролите на транспрентите со кои граѓаните излегоа на мирниот собир.

Грутка во грлото: Собир во Скопје за почит кон жртвите од трагедијата во Кочани

Граѓаните во Скопје се одѕваа на повикот на социјалните мрежи под паролата „ Кој е следен?“, откако во изминативе два дена се организираат во повеќе градови мирни собири на кои палат свеќи, оставаа цвеќиња и се потпишуваат во „книги на жалост“ во спомен на починатите.

Вчерашниот мирен собир во Кочани, на кој дојдоа стотици граѓани, се претвори во протест на кој демонстрантите бараа правда и одговорност за како што рекоа „корумпираниот систем во кој живеат“. Дел од нив гневни го демолираа кафулето кое според изјавите на жителите било во сопственост на човекот кој ја менаџирал дискотеката „Пулс“. Дел од демонстрантите својот револт го изразија и пред општината Кочани, полицијата и судот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протест во Кочани - правда и крај на корупцијата

Објектот во кој изби пожар, а дел од министрите го нарекоа „шупа“, бил дивоградба изградена во 1999 година. Првично служел како текстилна работилница, а негова пренамена во кабаре не е пријавена. Легализиран бил во 2005 година. Реновиран е лани. Лиценца имал од Министерството за економија за која сега власта тврди дека е фалсификат и дека истекувала два дена пред да се случи пожарот.

Инаку за трагичниот настан до сега краткотраен притвор од 48 часа добија 16 луѓе, меѓу кои поранешен министер за економија, секретар во истото министерство екс директор на Државниот пазарен инспекторат, службеници и сопственикот на дискотеката.