Пред македонската амбасада во Белград, оддадена почит на загинатите во пожарот во Кочани

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Стотици граѓани и студенти во Србија денеска (18 март) им оддаваат почит на жртвите од пожарот во Кочани. Пред Амбасадата на Северна Македонија во центарот на Белград се палат свеќи и се положуваат цвеќиња за 59-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Поменот за жртвите трае 75 минути.

Како што најавија студентите во блокада, покрај 15-минутниот помен што секојдневно го одржуваат во спомен на жртвите од новосадската несреќа што предизвика бран масовни протести во Србија неколку месеци, ќе додадат и минута молчење за секој загинат во Кочани.

„Покрај 15-те што вообичаено ги одржуваме, ќе додадеме минута за секој убиен во Кочани“, се вели во соопштението на студентите во блокада од Филозофскиот факултет во Белград.

Студенти и граѓани им оддаваат почит на жртвите од пожарот во Кочани, Белград, 18 март 2025 година

Инаку во Србија и во Босна и Херцеговина денеска е Ден на жалост поради трагедијата во Кочани, додека во Црна Гора- Ден на жалост беше на 17 март.

Денеска е Ден на жалост и во Бугарија.

Во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа најмалку 59 млади лица, а беа повредени 155 граѓани.

Студенти и граѓани на Србија им оддаваат почит на жртвите од пожарот во Кочани, Белград 18 март 2025 година

Од повредените, 89 пациенти се на лекување во земјава, а 76 се транспортирани во соодветни здравствени установи во странство.

Северна Македонија официјално го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, првично барајќи итна евакуација на 15 пациенти со тешки изгореници. Како одговор, девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Унгарија, Луксембург и Норвешка – веднаш понудија помош преку овој механизам.