Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денеска (17 март ) побара целосна транспарентна и објективна истрага за пожарот во кочанската дискотеката Пулс, каде на 16 март животот го загубија 59 лица.
„Ние сме денеска рането општество, довербата во институциите е срозена и ако сакаме таа да ја вратиме мора да има целосна, транспарентна и објективна истрага. Никој не смее да биде поштеден, ниту актуелни ниту поранешни функциониери или службеници. Тоа не е прашање на политика, туку на вистина и на правда “, рече Филипче пред медиумите.
Според него, сега не е време за политички пресметки, туку миг кога во државата треба да се покаже човечност.
Тој истакна дека секој акт на морална одговорност ќе биде поздравен од СДСМ и искажа сочувство до семејствата на загинатите, на оние кои останале без своите најблиски во трагедијата што ја потресе целата држава.
Видете и ова: Солзи и револт во Кочани, се бара правда за загинатите во пожаротКако лекар по професија, тој рече дека уште од мигот кога се случи несреќата е во постојан контакт со неговите колеги од Клиничкиот центар во Скопје, притоа уверувајќи ги сите кои имаат повредени и хоспитализирани, дека сите пациенти се максимално добро згрижени, дека се во раце на проверени и докажани лекарски тимови.
Филипче упати и апел до министерот за здравство, Арбен Таравари, да формира мобилни тимови од Клиниката за психијатрија и другите институции како поддршка на семејствата на повредените и загинатите во несреќата.
Вкупно 59 лица загинаа во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, а најмалку 155 беа повредени. За несреќата се осомничени 23 лица, 11 лица се во притвор. Истрагата уште трае.
По несреќата, Владата на Северна Македонија вчера прогласи седумдневна жалост на територија на цела држава.