Марк Карни положи заклетва како премиер на Канада

Канада - Марк Карни, премиер на Канада

Поранешниот гувернер на Банката на Канада, Марк Карни(59), положи заклетва како премиер на Канада на церемонија во Отава, откако победи во трката за нов лидер на владејачката Либерална партија на 9 март, јави агенцијата АП.

Тој ќе го замени досегашниот премиер Џастин Трудо, кој беше на власт девет години. Но, во јануари најави дека ќе се повлече од функцијата, по наглиот пад на неговиот рејтинг, што ја принуди Либералната партија да најде нов лидер.

Карни ја презема премиерската функција во време кога Канада е вовлечена во трговска војна со својот долгогодишен сојузник САД , а оваа година се очекуваат и парламентарни избори.

Видете и ова: Новиот канадски премиер Марк Карни вети победа во трговската војна со Трамп

Канадската владејачката Либерална партија се чинеше дека е подготвена за историски пораз на изборите оваа година се додека американскиот претседател Доналд Трамп не објави економска војна и се закани дека ќе ја анектира целата земја како 51-ва држава на САД. Сега партијата и нејзиниот нов лидер би можеле да се искачат на врвот, пренесе АП.

Во поголемиот дел од својот победнички говор откако беше избран за лидер на Либералната партија, Карни го нападна Трамп, кој воведе царини за Канада и рече дека сака да ја направи земјата 51-та држава на САД.

„Американците не треба да грешат. Во трговијата, како и во хокејот, Канада ќе победи“, рече Карни, а пренесе Би-би-си.

За време на кампањата, тој ги поддржа реципрочните царини против САД и координирана стратегија за поттикнување инвестиции. Покрај тоа, тој смета дека растот на Канада под водство на Трудо не бил доволен.