Се разотидоа демонстрантите пред телевизијата Н1 во Белград

Стотина демонстранти го блокираа влезот на телевизијата Н1 во Белград, 13 март 2025 г.

Стотината демонстранти кои претходно во текот на денот (13 март) се собраа пред телевизијата Н1 во Белград се разотидоа попладнето околу 13:30 часот.

Полицајци со штитови дојдоа пред телевизијата, дваесетина минути откако се собра групата демонстранти.

Насобраните лица носеа транспаренти на кои пишуваше „Каде ви е шефот“, скандираа „Не ја даваме Србија“ и не дозволуваа никој да влезе или излезе од дворот.

Телевизијата Н1 објави дека не се знае зошто се собрале.

За време на блокадата, репортерката на Н1 се обиде да открие кои се луѓето пред капијата на телевизијата. Тие не сакаа да одговорат, а еден од присутните рече дека ќе кажат кои се тие ако им дозволат да влезат во студиото да дадат изјава.

Видете и ова: Непознати лица го блокираа влезот на телевизија Н1 во Белград

Н1 објави дека меѓу демонстрантите биле Иван Силер, помошник градоначалник на Нови Сад и Предраг Вулетиќ, секретар за социјална политика, демографија и родова еднаквост на автономната покраина Војводина, како и Мирослав Родиќ, член на Собранието на Војводина.

Радио Слободна Европа засега не може да ја потврди оваа информација.

Станува збор за функционери на Социјалистичкото движење, основано од прорускиот вицепремиер на Србија Александар Вулин, кој се наоѓа на црната американска листа, меѓу другото, и поради неговите врски со Русија. Социјалистичкото движење е малцински коалициски партнер на владејачката Српска напредна партија (СНС).

Српскиот вицепремиер Александар Вулин на седница на српскиот парламент изјави дека не е поддржувач на блокади, но...

„Но, ова беше само начин за Социјалистичкото движење да покаже дека сè што им прават на другите може да им се случи и на нив. Не сакаме да бидеме оправдување за какви било конфликти, бевме таму неколку часа, го завршивме тоа“, рече Вулин.

Тој додаде, „но јас само сакам да кажам дека можеме повторно да дојдеме и дека сето ова што го правите на другите, може еден ден да се направи и на вас“.

Видете и ова: Студентите го блокираа влезот во РТС во Белград и РТВ во Нови Сад

Јунајтед Медиа, групација од која е дел Н1 ТВ, ги повика полицијата и надлежните институции веднаш да преземат мерки, да ја отстранат блокадата и да обезбедат непречена работа на телевизијата.

„Ова го гледаме како директен притисок врз независното новинарство и резултат на кампањата предводена од највисоки владини функционери и режимски медиуми, која интензивно се води против Н1 во последните денови, поради нејзиното професионално известување за студентските протести во Србија“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека „особено е неприфатливо владините функционери, како што се помошникот градоначалник на Нови Сад и покраински секретари, да учествуваат во блокадата на медиумите“.

„Очекуваме ваквото однесување да биде санкционирано, бидејќи во спротивно испраќа јасна порака дека власта директно ги поддржува нападите врз слободата на медиумите“, велат од Јунајтед Медиа.

Програмскиот директор на Н1 Игор Божиќ изјави дека не знае кои се луѓето кои ја блокирале зградата, но дека дошле организирано.

Божиќ рече дека во Н1 не знаеле дека е најавен таков собир, но смета дека полицијата знаела, бидејќи полицајците биле таму пред нивното пристигнување.

Видете и ова: ЕУ внимателно ја следи ситуацијата во Србија и повикува на деескалација пред протестот на 15 март

Тој изјави дека по блокадата на РТС, „главните лидери“ повикувале кога ќе има блокада пред Н1.

„Ова е очигледно одговорот на режимот на тоа. Очигледно е дека ова е одвраќање од настаните околу студентските протести и режимот се обидува да покаже дека прорежимските медиуми не се единствениот проблем, туку дека за неговите поддржувачи проблем се и независните медиуми“, смета Божиќ.

На 10-ти и 11-ти март во 22 часот, студентите ја блокираа зградата на Радио телевизија на Србија (РТС) во центарот на Белград, барајќи објективно известување за протестите.

Студентите го блокираа Јавниот медиумски сервис среде повеќемесечните протести со кои се бара одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.

Студентите во блокада најавија голем митинг во Белград на 15 март. Тие од декември ги блокираат државните универзитети и водат мирни протести низ земјата.