Рации на белгиската полиција поврзани со истрагата за корупција во Европскиот парламент

илустрација

Белгиската полиција извршила рации на неколку адреси во земјата како дел од истрагата за наводен корупциски скандал во Европскиот парламент, соопштија денеска (13 март) федералното обвинителство.

Неколку лица се приведени на распит поради нивна „наводна вмешаност во активна корупција во Европскиот парламент, како и за фалсификување и употреба на фалсификати“, соопшти обвинителството.

„Околу 100 полицајци учествуваа во операцијата во која беа извршени 21 претрес низ Белгија и Португалија“, се додава во соопштението.

Белгискиот весник Le Soir и истражувачката веб-страница Следете ги парите (Follow the Money) (FTM) соопштија дека истрагата е поврзана со кинескиот технолошки гигант Хуавеи (Huawei) и неговите активности во Брисел од 2021 година.

Компанијата Хуавеи не одговори на барањето на АФП за коментар.

Видете и ова: Потпретседателка на Европскиот Парламент приведена поради сомнение за корупција и перење пари

Рациите доаѓаат по повеќе од две години по скандалот „Катаргејт“, во кој голем број пратеници на ЕУ беа обвинети дека биле платени за да ги промовираат интересите на Катар и Мароко, нешто што и двете земји категорично го негираа.

Обвинителството не соопшти детали за инволвирани лица или компании. Но, како што се наведува наводната корупција од страна на „криминална организација“ „се практикувала редовно и многу дискретно од 2021 година до денес“ и имала „различни форми“.

Тие вклучуваат „награда за преземање политички позиции или прекумерни подароци како што се храна и патни трошоци или редовни покани за фудбалски натпревари“ како дел од обидот за промовирање на „чисто приватни комерцијални интереси“ во политичките одлуки.

Наводните мита биле сокриени како трошоци за конференција и биле исплаќани на различни посредници, соопшти канцеларијата, додавајќи дека испитува дали во аферата е вклучено перење пари.

Во срцето на наводната корупција е поранешен парламентарен асистент, кој во тоа време бил вработен како директор за односи со јавноста во Хуавеи, објавија белгиските медиуми.

Ле Соар рече дека полицијата привела „неколку лобисти“ и тие требало да се појават пред судијата на сослушување. Ниту еден од оние кои беа приведени на сослушување во четвртокот наутро не беа пратеници на ЕУ, изјави полициски извор за АФП.

Портпаролот на Европскиот парламент за АФП изјави дека „ги зема предвид информациите и ако биде побарано, тој целосно ќе соработува со правосудните органи“.