Денеска на брегот на Преспанско Езеро, во близина на селото Долно Дупени, беше поставен камен-темелник за изградба на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“. Проектот, кој е финансиран од Европската унија и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), има за цел да го заживее регионот преку зајакнување на културната, економската и туристичката соработка меѓу двете земји, истакнаа учесниците на денешната свеченост.
Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, нагласи дека овој проект ќе има значајно влијание врз развојот на Преспа.
„Се надевам на многу позитивни приказни во иднина – развој на туризмот, поголем проток на луѓе и економски бенефити за локалното население. Покрај овој проект, заедно со ЕУ работиме на проектот 'ЕУ за Преспа', кој е во завршна фаза и вреди околу 20 милиони евра. Тој опфаќа изградба на канализациони системи со пречистителни станици, повици за култура, туризам, земјоделие и заштита на животната средина“, изјави Тозиевски.
Видете и ова: Рокас: Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со БугаријaПремиерот Христијан Мицкоски нагласи дека отворањето на граничниот премин претставува чекор кон подобро поврзување на двете преспи, што ќе донесе позитивни резултати за граѓаните од двете страни на границата.
„Ваквите примери се одличен пат за градење подобри односи меѓу нашите држави. Со вакви проекти можеме да бидеме во фокусот на поголемите европски држави“, изјави Мицкоски. Запрашан за неговиот став во врска со Преспанскиот договор, тој нагласи дека неговиот став останува непроменет, но додаде: „Тоа е реалност и ако сакаме да бидеме реални политичари, мора да ја прифатиме.“
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, го оцени денешниот настан како историски чекор за Преспанскиот регион и за земјата во целина.
„Визијата на ЕУ за Преспа е визија која ги вклучува граѓаните од трите страни на езерото. Овој проект ќе поттикне економски развој, одржливост и зачувување на Преспанското Езеро, кое не е само природно богатство за регионот, туку и европско наследство“, изјави Рокас.
Видете и ова: Северна Македонија потпиша договор за грант за заеднички железнички премин со СрбијаПостојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, потенцираше дека ќе се заложат градежните работи да бидат завршени навреме.
„Изградбата на овој граничен премин ќе покаже дека економскиот напредок и заштитата на животната средина можат да одат рака под рака“, рече Григорјан.
Граничниот премин „Маркова Нога“ се очекува да биде отворен во 2028 година, што ќе овозможи нови можности за соработка меѓу Македонија и Грција. Преминот беше затворен повеќе од 50 години, а неговото повторно отворање беше најавено со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година.