Поранешниот грузиски претседател Саакашвили доби дополнителни 9 години затвор

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили е осуден на дополнителни девет години затвор за голема проневера на јавни средства, обвинение што тој го нарекува политички мотивирано.

Казната беше изречена на 12 март од страна на судијата на градскиот суд во Тбилиси, Бадри Кохламазашвили, а ќе тече истовремено со шестгодишната затворска казна што тој веќе ја издржува за злоупотреба на службената положба.

Откако судијата ја соопшти својата одлука, во судницата настана гужва, а приврзаниците на Саакашвили го нарекоа судијата „роб“ на власта.

Покрај Саакашвили, судот го осуди и Темур Јанашиа, поранешниот шеф на Специјалната служба на Државната гарда. Тој е казнет со 106 760 долари поради злоупотреба на службената положба.

И Саакашвили, кој беше претседател од 2003 до 2013 година и Јанашиа постојано ги негираа обвинувањата. Нивното цврсто демантирање, кое го повтори опозициското Обединето национално движење и неколку други политички групи, предизвика симпатии и поддршка, при што многумина тврдат дека случајот е политички мотивиран.

Претседателството на Саакашвили беше обележано со амбициозни реформи за борба против корупцијата и модернизација на земјата, вклучително и значителни промени во полицијата и судството. По напуштањето на функцијата, тој се вклучи во украинската политика, работејќи како гувернер на Одеса од 2015 до 2016 година, пред да падне во конфликт со украинските власти.

Тој беше уапсен во Грузија на 1 октомври 2021 година, откако тајно се врати во земјата пред локалните избори. Беше осуден во отсуство по обвиненијата за злоупотреба на власта, вклучително и давање претседателски помилувања на лица вмешани во убиството на банкарот Сандро Гиргвлијани и тепањето на опозицискиот пратеник Валери Гелашвили.

Тој од апсењето е во притвор и моментално се наоѓа на лекување во клиниката Вивамеди.

Видете и ова: Саакашвили: Ако владејачката партија победи на изборите, независна Грузија „ќе престане да постои“

Обвинителството ги обвини Саакашвили и Јанашиа за проневера на 9 милиони лари (3,2 милиони долари) на јавни средства. Судијата пресуди дека, иако дејствијата на Јанашиа не претставуваат директна проневера, Саакашвили е виновен за злоупотреба на државните ресурси за лични трошоци.

Неколку лица, меѓу кои и активистот Звијад Куправа, беа отстранети од судницата поради нарушување на постапката. Саакашвили побара да присуствува на изрекувањето на пресудата, но како причина за непојавувањето ги наведе здравствените проблеми.

Тој претходно ја повика владејачката партија Грузиски сон да ја одложи пресудата и казната.

Но, судијата Кокламазашвили изјави дека судењето не може да се одложува на неодредено време, нагласувајќи дека отсуството на обвинетиот не го спречува судот да донесе пресуда.

Покрај неговата последна пресуда, Саакашвили сè уште е вмешан во два други тековни судења. Еден од нив се однесува на настаните од 7 ноември 2007 година, кога неговата влада ги растера антивладините протести во Тбилиси.

Второто судење вклучува обвиненија за илегално преминување на границата поврзано со неговото тајно враќање во Грузија во 2021 година. Саакашвили влегол во земјата скриен во камион, заобиколувајќи ги граничните контроли, за што обвинителите тврдат дека е кршење на грузискиот закон.

Овие случаи продолжуваат да ги подгреваат политичките тензии во Грузија, а неговите поддржувачи тврдат дека тие се дел од напорите за негово трајно отстранување од политичката арена.