Вчера околу 14,30 часот на подрачјето на Аеродром, 39-годишна жена и нејзините две малолетни деца биле исфрлени од возило управувано од нејзиниот вонбрачен партнер Ф.Ф. (24) од село Радуша. Неколку часа подоцна случајот бил пријавен во Полициската станица Чаир, соопшти МВР денеска (8 март).
При укажување на лекарска помош во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ констатирани се тешки телесни повреди како кај 39-годишната жена, така и кај нејзините деца. Според кажувањето на мајката, повредите биле предизвикани од Ф.Ф. кој во изминатите три дена во куќа во селото Визбегово ги тепал со тврд предмет неа и нејзините две деца, информира полицијата.
Постапувајќи по пријавата полициски службеници го лишиле од слобода Ф.Ф., како и неговиот татко И.Ф (68) којшто во текот на полициското службено постапување со секира ги нападнал полициските службеници.
По целосно документирање на случајот ќе следат соодветни пријави – најавија од МВР од каде информираа за уште два други случаи на родово базирано насилство.
Околу 40 минути по полноќ во Тетово, службеници постапувајќи по претходна пријава од 33-годишна девојка од Тетово го лишиле од слобода Ф.Б.(33) од село Стримница, тетовско, поради постоење основано сомение за сторено кривично дело по чл.144 ст.1 од КЗ на РСМ.
Според пријавителката Ф.Б. претходниот ден околу 23,50 часот дошол пред домот на пријавителката каде што кон неа и кон нејзиното семејство упатувал закани по живот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок – соопштија од МВР.
Во полицискиот билтен се наведува и дека вчеравечер во ОВР Гостивар, 38 годишна жителка од Гостивар, пријавила дека во период од 03.03 до 03.06.2025 година нејзиниот вонбрачен сопруг С.А. од Гостивар, полово ја вознемирувал и допирал нејзината малолетна ќерка којашто сè уште не наполнила 15 години.
Според пријавителката додека вербално се расправила со С.А истиот и физички ја нападнал. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.