Српскиот министер за култура Никола Селаковиќ нападнат во Белград

Никола Селаковиќ, архивска фотографија

Министерот за култура на Србија, Никола Селаковиќ бил физички нападнат во Белград, но се чувствува добро, а случајот е веќе пријавен во полиција.

„Непознато лице ме нападна од зад грб додека одев да ги посетам родителите, околу 25 минути до 10 часот“, изјави Селаковиќ гостувајќи во дневникот на Радио-телевизија Србија (РТС) за нападот кој се случил вчеравечер.

Тој наведе дека личноста која го нападнала му упатила и пцовки.

„Кога се свртев за да разговарам со него, тој ме удри и избега. Ме удри во пределот на главата, од левата страна на носот“, изјави Селаковиќ додавајќи дека е исечен во пределот на левата слепоочница и дека очилата му паднале при ударот.

Откако бил прегледан од страна на лекар, тој со медицинскиот извештај го пријавил случајот во полиција. Нападот беше осуден од српскиот претседател, Александар Вучик, но и од премиерот во оставка Милош Вучевиќ и од министерката за правда, Маја Поповиќ.

Видете и ова: Вучиќ смета дека паѓа поддршката за протестите низ Србија

„Сакам да ве повикам да го сочуваме мирот, бидејќи пристојна Србија не може да ја победат. Тие го нападнаа и министерот Селаковиќ. Тие мислат дека решиле проблем. Не. Тие само уште еднаш покажаа што навистина мислат за демократијата во земјата и како ќе се однесуваат кон луѓето кои мислат различно од нив", напиша српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм профилот Иднината на Србија.

Министерката за правда, Маја Поповиќ остро го осуди нападот врз Селаковиќ, изјавувајќи дека таа е „вџашена што член на Владата на Србија бил претепан среде улица во центарот на Белград".

„Верувам дека одговорните за овој напад ќе бидат идентификувани и гонети наскоро. Физичкиот напад врз службеник е секако последица на атмосферата на линч и насилство што опозициските политичари го спроведуваат против оние кои мислат поинаку", рече Поповиќ.

Премиерот во оставка, Милош Вучевиќ изјави дека очекува итна реакција од надлежните власти.

Ѓорѓе Миличевиќ, министер без ресор задолжен за односи со дијаспората, исто така го осуди нападот, велејќи дека тоа е директен напад не само врз еден човек, туку и врз институциите на државата Србија, демократијата, правото на различно мислење и основните цивилизациски вредности.