Десетина луѓе се повредени во пукање во паб во Торонто, информираше канадската полиција во петокот вечерта (7 март).
Полицијата соопшти дека била повикана на пријави за повеќе луѓе кои биле застрелани околу 22:40 часот - објави агенцијата АП денеска (8 март).
Службата за итна медицинска помош соопшти дека со повреди се здобиле 11 лица, од кои некои се полесно повредени, а некои се со критични повреди. Сепак, полицијата подоцна објави дека бројот на повредени е 12.
Полицијата информираше и дека осомничен кој носел црн дуксер со качулка е виден како бега со сребрен автомобил и сè уште е на слобода. Луѓето се предупредени да се држат подалеку од областа.
Денеска полицијата на социјалната мрежа Икс (X) објави дека за пукањето се осомничени тројца мажи и сите ресурси се распоредени за да се лоцираат и уапсат одговорните.
Градоначалничката на Торонто, Оливија Чоу изјави дека разговарала со шефот на полицијата и ѝ било кажано дека „сите потребни ресурси" се распоредени.
„Ова е рана и тековна истрага - полицијата ќе даде дополнителни детали. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства", напиша таа на социјалните мрежи.