Меморијалниот центар во Сребреница во петокот, на 7 март, објави дека „во согласност со моменталната безбедносна ситуација, ќе биде затворен до понатамошно известување“.
„Одлуката е донесена поради неможноста да се обезбедат соодветни безбедносни гаранции за вработените, соработниците, гостите и посетителите, сето тоа согласно законските прописи и актуелните околности, како и државниот удар што е во тек и е насочен против државните институции од бунтовнички групи со седиште во Бања Лука“, се наведува во објавата на социјалната мрежа „Икс“.
Меморијалниот центар е обезбеден од Дирекцијата за координација на полициските тела на БиХ од 2011 година.
Соопштението од Меморијалниот центар во Сребреница доаѓа по стапувањето во сила на неуставните закони на Република Српска со кои се забранува работата на Државната истражна агенција (СИПА), Судот и Обвинителството на БиХ во овој ентитет.
Видете и ова: Министерот за одбрана на БиХ не дозволил слетување на унгарски воен авион во Сараево и во Бања ЛукаВо петокот беше затворена и зградата на СИПА во Бања Лука, а вработените во Агенцијата ги напуштија просториите во раните утрински часови.
Од Меморијалниот центар во Сребреница нагласуваат дека центарот ќе остане затворен додека не се стабилизира состојбата и не се обезбедат соодветни гаранции, додека сите вработени ќе работат од дома, „ако е можно“.
Тие исто така нагласуваат дека ќе бараат безбедносни гаранции од СИПА, Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) и ЕУФОР за продолжување на работата.
„Го повикуваме државниот врв да направи се што е можно поскоро и да ја обезбеди основната безбедност на сите граѓани на секој чекор од оваа земја, почнувајќи од Сребреница“, соопшти Меморијалниот центар во Сребреница.
Мисијата на Центарот е да го зачува споменот на жртвите на геноцидот и да едуцира за важноста на мирот, толеранцијата и човековите права.
За време на геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, силите на Армијата на Република Српска убија приближно 8.000 мажи и момчиња во Сребреница и околината.
Повеќе од 50 луѓе се осудени на повеќе од 700 години затвор за геноцидот и злосторствата во Сребреница, кои се случија откако Армијата на Република Српска ја презеде оваа област заштитена од ОН во средината на јули 1995 година.
Досега, 6.701 жртва на геноцидот извршен во јули 1995 година се погребани во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари, додека други 237 жртви на геноцидот се погребани на други локации, според желбата на семејствата на жртвите. Сè уште се трага по околу 1.000 исчезнати лица.