Додик: Me повикаа да дадам изјава за поткопување на уставниот поредок

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик

Милорад Додик, претседателот на Република Српска (РС), во објава на социјалните мрежи изјави дека Обвинителството на Босна и Херцеговина го поканило да дојде во петок, на 7 март, за, како што наведе, да даде изјава „како осомничен за уривање на уставниот поредок“.

Обвинителството на БиХ се уште не ја коментира оваа информација.

Додик во објава на мрежата Икс изјави и дека нема да одговори на поканата.

Обвинителството на Босна и Херцеговина претходно денеска (6 март) соопшти дека оваа судска институција води истрага од декември 2024 година поради постоење основи на сомнение дека е сторено кривично дело „напад врз уставниот поредок“.

На 27 февруари, Собранието на РС усвои четири неуставни закони, откако претседателот на РС Милорад Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење функција.

Тој претходно беше прогласен за виновен за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит и потпишување указ за прогласување на закони кои Шмит претходно ги поништи, со кои се обиде да го спречи спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и на Високиот претставник на територијата на РС.

Што усвои Парламентот на РС?

Со законот за непримена на законите и забраната на активности на вонуставните институции на БиХ, усвоен на 27 февруари во ентитетот на РС, ја забранува работата и дејствијата на Судот и Обвинителството на БиХ, државната Агенција за истраги и заштита (СИПА) како и на високиот судски и обвинителски совет на БиХ кој ги именува судиите и обвинителите во државата.

Меѓу законите е и оној за посебен регистар и транспарентност на работата на непрофитните организации, колоквијално наречен „закон за странски агенти“, кој по примерот на рускиот закон воведува строга контрола врз работата на граѓанскиот сектор во РС.

Едностраниот прекин на јурисдикцијата на државата БиХ на дел од нејзината територија не е во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина.

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Беќировиќ, претседателот на Претставничкиот дом на БиХ, Денис Звиздиќ и заменик-претседателот на Домот на народите на БиХ, Кемал Адемовиќ денеска (6 март), поднесоа жалба до Уставниот суд на БиХ, барајќи официјална проверка на уставноста на овие закони.