Врховниот суд на САД, денеска (5 март) ја потврди наредбата на понискиот суд до администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ги ослободи замрзнатите средства за странска помош поврзани со веќе завршената работа, иако не е јасно колку брзо парите ќе почнат да се исплаќаат.
Судот со тесно мнозинство - пет наспроти четири, ја отфрли жалбата на републиканската администрација, а на окружниот судија Амир Али му посочи да ја разјасни својата претходна наредба која бара брзо ослободување на речиси 2 милијарди долари помош за веќе завршените проекти.
Судијата Самуел Алито ја предводеше групата од четворица конзервативни судии кои не се согласија со одлуката наведувајќи дека Али нема овластување да нареди плаќања.
Алито напиша дека е изненаден што судот „ќе наметне казна од 2 милијарди долари за американските даночни обврзници“.
Мнозинството судии посочија дека администрацијата не ја оспорува наредбата на Али туку само рокот, кој секако веќе истече.
Врховниот суд бара од судијата Али да „разјасни кои обврски мора да ги исполни владата за да обезбеди усогласеност со привремената забрана“.
Видете и ова: Потегот на Трамп за укинување на УСАИД предизвикува загриженостГлавниот судија Џон Робертс и судијката Ејми Кони Барет, двајцата конзервативци, се приклучија на тројца други либерални судии во создавањето мнозинство за денешната одлука на Врховниот суд.
Администрацијата на Трамп тврди дека ситуацијата се променила откако го заменила целокупното замрзнување на средствата со индивидуални проценки што доведоа до откажување на 5.800 договори на УСАИД и 4.100 други грантови на Стејт департментот, во вкупна вредност од речиси 60 милијарди долари.
Федералната влада ја замрзна меѓународната помош по извршната наредба потпишана од Трамп која се однесуваше на програмите што тој ги опиша како некорисни и неконзистентни со неговите надворешнополитички цели.
Во тужбата што следуваше потоа се тврдеше дека оваа суспензија е направена со кршење на федералниот закон и се прекинало финансирањето дури и за најитните, хуманитарни и спасувачки програми надвор од САД.
Окружниот судија Али нареди финансирањето да биде привремено обновено на 13 февруари, но скоро две недели подоцна откри дека владата не покажува знаци на усогласеност.
Администрацијата на Трамп поднесе жалба, нарекувајќи ја наредбата на Али „неверојатно наметлива и длабоко погрешна“ и протестирајќи за временската рамка за ослободување на средствата.