Северна Македонија потпиша Договорот за инвестициски грант од 2,4 милиони евра со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за проектот за изградба на заеднички железнички граничен премин „Табановце“ со Србија.
Договорот денеска (5 март) во Скопје го потпишаа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и шефот на канцеларијата на ЕБОР Фатих Туркменоглу. Тој е дел од инвестицискиот пакет од 7,6 милиони евра за изградба на овој премин меѓу Северна Македонија и Србија.
Претходно Европската банка за обнова и развој за овој проект одобри и заем од пет милиони евра и грант од 250 илјади евра.
„На овој начин ќе ја подобриме комуникацијата помеѓу двете држави зашто ќе имаме ONE STOP SHOP и во железничкиот дел, кога се патува со воз. Се надевам дека ова ќе биде вовед кон повторно воспоставување редовна патничка железничка линија помеѓу Скопје и Белград за што се потребни секако напори од двете страни. Се работи за проект во вредност од вкупно 7,4 милиони евра во градежниот дел и 250 000 евра во делот на консултантски услуги и надзор“, изјави Николоски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ќе дочекаме ли некогаш меѓународен патнички воз?
Проектот предвидува нова заедничка зграда за потребите на граничната полиција, Царината и инспекциски служби на Северна Македонија и Србија, како и реновирање на постојните објекти во Табановце. Исто така предвидена е изградба и на нова патна и комунална инфраструктура.
Според планираната динамика, проектот треба да биде имплементиран за две години. Изградбата се очекува да почне оваа година откако прво ќе се избере изведувачот.
Оваа железничка линија меѓу Србија и Северна Македонија е дел од Коридорот 10.
Проектот, според претставникот на ЕБОР Туркменоглу, е доказ дека Европската банка дава континуирана поддршка за земјава да ја подобри својата инфраструктура. Тој рече дека воспоставувањето на заеднички граничен премин помеѓу двете држави е „клучна инвестиција за поттикнување на регионалниот раст и за подигнување на свеста за придобивките кои произлегуваат од цврсти железнички врски во Западен Балкан“.