Сашо Дранго повеќе не е заменик-директор во „Македонија пат“, обвинителството води предистрага

ОЈО Битола извршило распит на Дранго, а неговиот телефон е даден на вештачење (фотоархива).

Сашо Дранго повеќе не е заменик-директор на Јавното претпријатие „Македонија пат“, а на негово место е назначен Александар Шуковски, економист од Ресен.

Информацијата ја објавија повеќе медиуми, а и самиот Шуковски објави за новата функција на социјалните мрежи.

„Дадената доверба е голема обврска, но и одговорност, затоа можам да ветам, дека напорно ќе работам за да ја оправдам довербата која ми е дадена“, напиша Шуковски.

Покрај тоа што не е на функцијата во „Македонија пат“, Основното јавно обвинителство отвори и предистрага за Дранго откако пред околу два месеци беше објавена фотографија на која тој позира со убиена мечка.

„Извршен е распит на пријавеното лице, а во тек е вештачење на неговиот мобилен телефон. Надлежниот јавен обвинител издаде и повеќе наредби до Министерството за внатрешни работи од кои по дел сè уште се постапува. Кај пријавениот по барање на јавен обвинител и врз основа на судска наредба беше извршен и претрес“, соопштија од ОЈО Битола.

Видете и ова: Мицкоски: Одговорносност ќе барам ако се докаже дека Дранго убил мечка

Фотографијата со мечката, предизвика лавина реакции во јавноста и од здруженијата за заштита на животните.

Дранго, пак, тврдеше дека не ја убил мечката туку тој и вработените во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа. Тој уверуваше и дека за инцидентот има записник и во полициската станица во Битола, но од таму негираа дека има пријава.