Петгодишно дете се затруло со лекови за возрасни

Детска клиника

На Детското одделение во Болницата во Кочани синоќа било донесено петгодишно дете од делчевското село Тработивиште, за кое било пријавено дека проголтало неколку таблети.

Од кочанската Болница го потврдија случајот и информираа дека детето било донесено со медицинска придружба од Делчево, било во свесна и контактибилна здравствена состојба. Сепак, поради понатамошна контрола и превентива, дежурниот педијатар го препратил на Детската клиника во Скопје – јави агенцијата МИА.

Директорот на Детската клиника, д-р Реџеп Мемеди денеска (4 март) изјави дека опсервацијата на детето продолжува.

„Петгодишното дете од Делчево синоќа беше примено на Детската клиника во Скопје со брза помош, со податок за испиени две таблети антидепресив за возрасни. Детето е примено во релативно стабилна состојба, мониторирано, во тек на дежурство со стабилни параметри. Денеска продолжуваме со опсервација на детето до утре, а ако сè е во ред, детето ќе биде пуштено дома“, додаде д-р Мемеди.

Видете и ова: Инспекторатот ја тужи Детска клиника за неплатени казни за смрт на деца

Тој посочи дека скоро секоја недела имаат вакви или слични случаи и апелираше родителите да бидат внимателни каде ги оставаат лековите за возрасни, средствата за хигиена и корозивни супстанци, односно да внимаваат тие да не бидат на дофат на децата.

Според првичните сознанија, петгодишното дете проголтало таблети золпиден, кои се користат за регулирање на сонот кај возрасните, при што се употребува половина таблета.