Роднините на поранешната соработничка на РСЕ, Ника Новак, која минатата година рускиот суд ја осуди на затворска казна, за извршување на нејзините професионални должности, реагираа на како што го нарекоа, „тешкото“ префрлање на Новак во сибирски затвор.
Новак е осудена на четиригодишната казна за „доверлива соработка со странска држава, меѓународна или странска организација“ - казна што таа ја смета за неправедна. Таа е префрлена на издржување на казната во затворот во Новосибирск.
Новак спиела во станот во кој живее со нејзината мајка во сибирскиот град Чита, кога агентите на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) упаднале во нивниот дом и ја привеле во декември 2023 година. Таа беше обвинета според член 275.1 од рускиот кривичен законик, пред да биде однесена во Москва, каде што и беше одреден истражен притвор.
„Откако минатата недела беше префрлена во затворот во Новосибирск, Новак дели бучна и хаотична ќелија со уште десет затвореници кои се соочуваат со различни кривични пријави“, изјавија роднините на Новак за РСЕ, истакнувајќи дека таа престанала да јаде како резултат на претрпениот стрес и страв.
Видете и ова: Поранешна соработничка на РСЕ доби 4 години затвор во СибирТие го опишаа затворот како полош од кој било друг објект во кој таа била затворена до денес, вклучително и нејзиниот последен престој во затвор во градот Иркутск.
Еден од нејзините роднини го опиша нејзиниот трансфер долг 1800 километри во затворот во Новосибирск како „тежок“.
Роднините, кои не сакаа да бидат именувани, рекоа дека правните застапници на Новак поднеле барање таа да биде преместена во друга ќелија, повикувајќи се на руските закони за притвор кои треба да ги одвојат затворениците како Новак од другите обвинети за сериозни, неполитички злосторства како убиство.
Нејзината жалба против казната ќе ја разгледа судот во Новосибирск на 24 март.
Пред нејзиното апсење, Новак работеше за ЧитаМедиа и беше главен уредник на веб-страницата Zab.ru. Таа имаше свој придонес во програмите на РСЕ/РС „Сибир. Реалности“ во 2022 година.
Случајот на 32-годишната Новак беше првпат новинар да биде осуден според член 275.1, кривично дело што беше воведено дури во 2022 година во месеците откако Русија ја започна целосната инвазија на Украина.
Експертите за права го критикуваа концептот и содржината на законот, додека Организацијата за човекови права соопшти дека законодавството „потсетува на забраната за контакти со странци од советската ера“.
На 22 јули 2024 година, водечката руска група за човекови права Меморијал ја призна Новак како политички затвореник.