Папата Франциск претрпе нови респираторни кризи

Ватикан - поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, 22 март 2023 година.

Папата Франциск претрпе две нови епизоди на акутни респираторни кризи и повторно беше ставен на неинвазивна механичка вентилација, објави Ватикан на 3 март за здравствената состојба на поглаварот на Римокатоличката црква кој од 14 февруари е во болница поради билатерална пневмонија.

Епизодите биле предизвикани од „значајна акумулација“ на секрет во неговите бели дробови и бронхијални грчеви, јави агенцијата АП.

Видете и ова: Ватикан: Здравствената состојба на папата Франциск е сè уште загрижувачка

Ватикан не објави никакви фотографии или видеа од Франциск пред да влезе во римската болница „Гемили“ со комплексна инфекција на белите дробови. Ова стана најдолго отсуство во неговите 12 години како папа, пренесе АП.

Ватикан ја бранеше одлуката на папата Франциск да се опорави во мир и надвор од очите на јавноста.

Лекарите потврдија дека папата е особено подложен на белодробни инфекции бидејќи како млад боледувал од плеврит и хируршки му бил отстранет еден дел од крилото на белите дробови.