Едно лице загина, а повеќе други беа повредени кога автомобил влета во група луѓе во центарот на југозападниот германски град Манхајм на 3 март, соопшти полицијата неколку часа по инцидентот.
Осомничениот возач на автомобилот е идентификуван и приведен.
Портпаролот на полицијата Стефан Вилхелм, изјави дека возач влетал во група луѓе во Парадеплац, пешачка улица во Манхајм, при што загинало едно лице, јави агенцијата АП.
Видете и ова: Бројот на повредени по нападот во Минхен се искачи на 39Тој рече дека „неколку“ луѓе се повредени, но полицијата сè уште не може да прецизира колкумина се повредени и колку се тешки повредите.
„Можеме да потврдиме дека еден сторител е уапсен. Сè уште не можеме да дадеме информации дали имало други сторители“, рече Вилхелм.
Министерството за внатрешни работи на покраината Баден-Виртемберг, каде што се наоѓа Манхајм, веднаш по инцидентот го предупреди населението на „ситуација опасна по живот“.
Карневалскиот пазар во Манхајм се одржува од 27 февруари и е предвидено да трае до 4 март. Се состои од 60 штандови за храна, возења и игри кои ги водат аниматори.
Безбедноста е една од главните грижи на германските власти по серијата насилни напади во последните недели и месеци.
Имаше смртоносни напади со автомобили во Магдебург во декември и во Минхен минатиот месец. Лани во мај, во Манхајм се случи напад со нож.
Во удар од автомобил во Магдебург загинаа шест лица, а речиси 300 беа повредени. Во февруари, авганистански државјанин со автомобилот влета меѓу луѓе во Минхен при што најмалку 37 лица беа повредени.