Британскиот министер за одбрана Полард вели дека „нема договор“ за делумно примирје во Украина

илустрација

Франција и Велика Британија не се договорија за план за делумно примирје за Украина, изјави денеска (3 март) британски министер, откако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека тоа било предложено од двете нации.

„Не е постигнат договор за тоа како да изгледа примирјето“, изјави министерот за вооружени сили Лук Полард за радиото Тајмс.

Претставник на британската влада, исто така, изјави дека „не е договорено едномесечно примирје“.

Инаку премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, викендов во Лондон го претстави планот од четири чекори за поддршка на Украина договорен со европските лидери и највисоките претставници на НАТО и ЕУ. Британскиот лидер порача дека е „време да се дејствува“ за Европа во осигурувањето на безбедноста на Украина.

Видете и ова: Стармер по самитот во Лондон: „Време е да се дејствува“ за безбедноста на Украина

Ваквиот повик од самитот на европските лидери во Лондон тој го поткрепи со ветување за помош од 1,6 милијарди фунти (2 милијарди долари) за испорака на 5000 ракети за противвоздушна одбрана на Киев.

На самитот беше договорено дека воената помош за Украина мора да продолжи, дека Киев мора да биде на масата за какви било мировни преговори со Русија, дека Европа работи на одвраќање на какви било идни руски потези против Украина и на формирање на „коалиција на подготвени“ која ќе го брани и гарантира мирот во Украина по постигнувањето на договорот.

Самитот се одржа откако во петокот (28 февруари) се случи катастрофалната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон што ја зголеми загриженост за посветеноста на САД на европската одбрана под раководство претседателот Доналд Трамп.

Видете и ова: Тензична средба меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа

САД не учествуваа на состанокот во Лондон. Самитот беше планиран уште пред Зеленски и Трамп да се судрат на тензичниот состанок во Овалната соба во петокот.