Европските лидери и највисоките претставници на НАТО и ЕУ денеска (2 март) попладне го започнаа самитот во Лондон на 2 март, кој доби на итност по катастрофалната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон претходно оваа недела.
Иако клучниот фокус на самитот ќе биде на Украина, разговорите се очекува да ја опфатат и европската безбедност пошироко, бидејќи расте загриженоста за посветеноста на Соединетите држави на европската одбрана под раководство на претседателот Доналд Трамп.
Британскиот премиер Кир Стармер пред самитот изјави дека Франција и Обединетото Кралство имаат намера „да соработуваат со Украина на план за запирање на борбите“, а потоа ќе разговараат за тој план со САД, кои не учествуваат на самитот во Лондон.
Видете и ова: Стармер по самитот во Лондон: „Време е да се дејствува“ за безбедноста на УкраинаВо исто време, Стармер во интервју за Би-би-си нагласи дека за секој мировен договор за Украина ќе биде потребна американска безбедносна гаранција за тој да функционира – една од неколкуте спорни точки околу кои се судија Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп на тензичната средба во Овалната соба.
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанската премиерка Џорџија Мелони се меѓу повеќе од десетина европски лидери кои им се придружија на Стармер и Зеленски на разговори во Лондон.
На самитот за безбедност присуствуваат и канадскиот премиер Џастин Трудо и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Во пресрет на состанокот, британскиот премиер Кир Стармер го пречека Зеленски во неговата резиденција на Даунинг стрит, по што следуваше објава за заем од 2,26 милијарди фунти (2,84 милијарди долари) за Украина.