Вкупно 14,7 милиони евра за реконструкции на болницата „8 септември“ и охридскиот аеродром

ГОБ 8 Септември - Скопје

Владата на Северна Македонија најави 12 милиони за реконструкција на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември" и 2,7 милиони за реновирање на охридскиот аеродром "Св. Апостол Павле", соопштија на заедничка прес-конференција во Владата, премиерот Христијан Мицкоски и министрите за транспорт и за здравство, Александар Николовски и Арбен Таравари.

Според најавите, болницата до октомври годинава се очекува да биде целосно реконструирана. Со планираните активности е предвидено да биде опфатен оперативниот блок од седум хируршки сали, две за абдоминална хирургија, две за уролошки интервенции, една сала за уво, нос и грло, една за очна хирургија и една за роботска хирургија.

Видете и ова: Големи амбиции за болницата „8 Септември“

Сите сали ќе имаат најнова опрема, хируршки маси у машини за анестезија, медицински компјутери, дефибрилатори и друг инвентар.

„Здравството, морам да напоменам, беше една од најзапоставените области каде континуираната негрижа од минатата влада доведе до распаѓање и на така дотраените болници и капацитети. Тука морам да оддадам почит на голем дел од посветениот здравствен кадар, кој и во едни такви услови продолжи да работи посветено и во едни супстандардни услови го дава својот максимум. Сѐ на сѐ, ова се крупни инвестиции и зафати за објекти кои се од суштинско значење за нашата држава“, посочи премиерот Мицкоски.

Охридскиот аеродром ќе добие нова административна зграда од 250 метри квадратни, а реновирани ќе бидат и останатите сегменти.