Мицкоски за најавата на Меџити - Додека сум премиер нема вработувања по етнички и партиски клуч

Премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Изет Меџити за 23-годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска реагираше на изјавата на првиот вицепремиер Изет Меџити дека за една година на власт ќе бидат вработени до 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација, велејќи дека тоа е апсолутно неприфатливо и дека нема да се случи додека тој е на премиерската функција.

„Нема таква работа, и тоа нема да се случи додека сум јас премиер“, изјави Мицкоски по посетата на Домот на култура „11 Октомври“ во Ченто, Гази Баба.

Тој додаде дека ќе се вработуваат луѓе кои се компетентни и ќе ги исполнуваат работните места, а не врз сонова на етнички или партиски клучеви.

„Ќе направиме закон за да има правична застапеност, етничка, бидејќи овој што го направија претходните Уставен суд го поништи. Бидејќи Баднитерот е уставна категорија, ние мораме да го усогласиме законодавството согласно уставната категорија. Некој може да седи да си прави списоци, јас тоа не го исклучувам, но додека сум јас премиер, таква работа нема да се случи“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Минчев до Меџити: Не се однесувајте како Алиса во Земјата на чудата

Изјавата на Меџити, кој на настан во Шуто Оризари на 20 февруари рече дека планираат да вработат стотици, а можеби и до 3.000 Албанци, деновиве предизвика реакции во јавноста.

Меџити истакна дека ова ќе ги елиминира проблемите со иселувањето од земјава и дека ќе ја подобри перспективата на Албанците во државата.

Тој рече дека бројот на новите вработувања ќе биде многу поголем од бројот што го постигнале претходните влади во двата мандата.

Претходно, и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, реагираше на изјавата на Меџити, нарекувајќи ја „класичен пример на предизборен популизам.“

„Би го замолил г-динот Меџити да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување“, рече Минчев.

Минчев рече дека сите вработувања во јавниот сектор се спроведуваат според законот и потребите на институциите и дека не се предмет на политички притисоци или ветувања.

Видете и ова: Секоја партија на свој начин вработува во администрацијата

Денеска реагираше и опозициската партија СДСМ, која соопшти дека вицепремиерот Изет Меџити подготвува голема партизација со вработувања во администрацијата, рекоа денеска од СДСМ.

„Оваа најава на Меџити отвора сериозни сомнежи за веќе подготвени списоци со имиња на подобни партиски кадри кои треба да се вдомат во јавниот сектор“, рече портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Минчев додаде дека вработувањата треба да се засноваат на принципите на компетентност, стручност и професионализам.

Во одговор на Минчев, Меџити потсети дека правичната етничка застапеност на Албанците во институциите е уставна категорија, за која рече дека мора да се почитува, и нагласи дека Владата веќе презела мерки за трансформација на работниот однос на околу 1.500 лица во здравството, од кои 750 се Албанци.