Полска осуди Украинец за планирање саботажа во име на Русија

Архивска фотографија од судско рочиште во Полска

Полскиот суд денеска (21 февруари), изрече казна од осум години затвор зa Украинец осуден за планирање саботажа и палење во име на Русија, јави агенција АП.

Судот во југозападниот град Вроцлав го прогласи 51-годишниот маж, идентификуван само како Серхиј С, за виновен бидејќи припаѓал на криминален синџир и подготвувал палење на различни објекти во градот.

Службениците на полската државна безбедност го уапсија во јануари 2024 година и тој остана во притвор. Полската агенција за внатрешна безбедност соопшти дека тој дејствувал во име на Русија. Властите соопштија дека се подготвувал да запали фабрика за бои во сопственост на САД и други објекти.

Осудениот ги негираше обвиненијата, но призна дека прифаќал онлајн наредби од непознато лице да подметне пожар во замена за пари.

Во случајот се обвинети уште четири лица, а десетици други од полска, украинска и белоруска националност се уапсени во врска со други акти на саботажа или шпионажа.

Полската влада вели дека земјата е цел на Русија како дел од хибридната војна на Москва против западните земји кои го поддржуваат полскиот сосед Украина во нејзината војна против руската инвазија.