ЕУФОР внимателно ја следи ситуацијата во Босна и Херцеговина

Припадници на силите на Европската Унија (ЕУФОР) во базата Бутмир во Сараево, при предавањето на командата на 28 јануари 2025 година

Силите на Европската Унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР) континуирано ги следат случувањата во земјата во тесна координација со локалните безбедносни служби и се целосно свесни за безбедносните прашања, изјави ЕУФОР за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 21 февруари.

„ЕУФОР ја следи ситуацијата низ целата земја и е подготвена да дејствува во рамките на мандатот што ѝ го довери Советот за безбедност на Обединетите Нации“, наведуваат од меѓународните сили на прашањето за нивната подготвеност да одговорат на дестабилизирачките изјави на претставници на Република Српска (РС) во врска со претстојното изрекување на пресудата на Милорад Додик, претседател на овој босански ентитет.

Имено, изрекувањето на првостепената пресуда против Додик и второобвинетиот, в.д. директорот на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, беше најавен пред Судот на БиХ на 26 февруари.

Тие се обвинети за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Видете и ова: Завршни зборови во судскиот процес против претседателот на РС, Додик

На прашањето дали силите на ЕУФОР се подготвени да одговорат во случај на поголемо нарушување на безбедноста и во случај локалните полициски и воени сили да не можат да го сторат тоа, тие изјавија дека „структурите на ЕУФОР континуирано и внимателно се подготвуваат да ги задоволат растечките безбедносни потреби“.

„Во овој момент, нашиот фокус останува на одржување на стабилноста и безбедната средина. Доколку забележиме значително влошување на јавниот ред или каква било закана за безбедноста на цивилите, ќе дејствуваме во тесна соработка со локалните власти и нашите меѓународни партнери, во рамките на нашиот мандат“, изјавија тие.

Континуираните проценки на безбедносното опкружување не укажуваат на никакви непосредни знаци на влошување, според ЕУФОР, но и покрај тоа, трупите остануваат целосно подготвени да одговорат на различни безбедносни сценарија.

ЕУФОР објаснува дека подготвеноста редовно се тестира преку постојана обука и вежби, вклучително и редовната годишна вежба „Брз одговор“, за време на која војниците ја демонстрираат својата способност да ги поддржат институциите на Босна и Херцеговина во одржувањето на безбедна и стабилна средина.

Видете и ова: Силите на ЕУ во БиХ најавуваат поинтензивни движења

Повеќе од илјада војници од Европската Унија, Швајцарија, Турција и Чиле го одржуваат мирот и безбедноста во БиХ веќе две децении. ЕУФОР, исто така, има мандат да употреби сила во случај доколку 16 локални полициски агенции и околу 8000 локални војници да не можат да одржат стабилна средина.

Воената мисија „ЕУФОР – Алтеа“ е формирана во БиХ на 1 декември 2004 година, за да го преземе мандатот од мисијата на НАТО, кој беше на сила од крајот на војната. Мандатот на мисијата се одобрува секоја година од Обединетите Нации (ОН).

На 1 ноември минатата година, Советот за безбедност на ОН едногласно го продолжи мандатот на воените сили на Европската Унија во Босна и Херцеговина (EUFOR Althea) до ноември 2025 година.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година и симултаните сецесионистички чекори на проруските власти во Република Српска, ЕУФОР го удвои бројот на војници на повеќе од 1500, вклучувајќи хеликоптери и оклопни единици.