Унгарската влада го критикуваше денешниот состанок во Париз на кој ќе се соберат десетина лидери од Европската Унија, Велика Британија и НАТО за да дефинираат заеднички одговор на дејствијата на американската администрација за Украина, без учество на Европската Унија.
„Денес во Париз, фрустрираните европски лидери, кои се за војна и против Трамп, се собираат за да спречат мировен договор за Украина“, рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на маргините на прес-конференција во Казахстан, што ја објави на својот фејсбук профил.
„За разлика од нив, ние ги поддржуваме амбициите на Доналд Трамп и за разлика од нив ги поддржуваме преговорите меѓу Русија и САД“, додаде Сијарто.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, еден од ретките лидери на ЕУ кој јавно демонстрира блискост со американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, продолжува да се залага за прекин на огнот во Украина и почеток на мировни преговори и одбива да испрати воена помош за Киев.
Видете и ова: По Минхенската конференција, Зеленски и сојузниците влегуваат во непознати водиОд враќањето на Трамп во Белата куќа, Орбан верува дека има поддршка за неговите ставови и ја критикува „неспособноста“ на ЕУ да организира преговори за Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон за денеска (17 феврауари) во Париз закажа неформален состанок на европските лидери на кој ќе присуствуваат шефовите на владите на Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европската комисија и генералниот секретар на НАТО.
Состанокот на европските лидери доаѓа неколку дена по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин и нивната одлука директно да разговараат за Украина на самитот во Саудиска Арабија. Трамп вчера изјави дека наскоро би можел да има средба со Путин.