Мицкоски: Наместо европеизација на Балканот – балканизација на Европа

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски

Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа, изјави на 16 февруари македонскиот премиер Христијан Мицкоски на настан во рамки на 61. Минхенска безбедносна конференција наменет за пристапот на Балканот кон Европската Унија.

Мицкоски истакнал дека македонскиот пат кон ЕУ „започна многу пред да започне евроинтеграцискиот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка“.

„За нас бајката стана подвижна мета. Ние сме жртви на билатеризација или, да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови заедно со нив во Брисел, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот“, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот во обраќањето посочил дека промената на името не бил единствен пример за мешање во внатрешните работи на суверена држава, туку и промената на знамето.

Видете и ова: Венс ја предупреди Европа за слободниот говор и „непроверената“ имиграција

„Наш маркер е и останува да биде, да станеме дел од ЕУ, без сомнение. Слушам некои коментари тука дека имало говор во текот на првиот ден од американскиот заменик-претседател Венс и дека тој говор значел големо мешање во внатрешните работи. Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи. Колку долго треба да патиме од двојните стандарди?“ изјавил Мицкоски.

Во соопштението од кабинетот на Мицкоски е посочено дека македонската политика е целосно усогласена со надворешна и одбранбена политика со ЕУ, како и дека земјава е меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по глава на жител. Дополнително македонската одбрана го исполнува условот 2 отсто за одбранбени трошоци на годишно ниво.

„Ние сме целосно усогласени со барањата за надворешната и одбранбената политика. Морам да го истакнам ова прашање, кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, за што и претседателот Зеленски зборуваше вчера, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога парламент на една земја членска од ЕУ го напаѓа и го негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат“, заклучил Мицкоски информираат од владината прес - служба.

Викендов светските лидери се дел од на тридневната Минхенска безбедносна конференција на која главна тема е војната во Украина.