Украина и Русија разменија напади со дронови, нарушен воздушниот простор на Молдавија

Последици од нападот со руско беспилотно летало врз регионот Одеса ноќта на 13 февруари.

Украина објави дека уништила два радарски системи Валдаи во близина на Москва во бран ноќни напади со беспилотни летала. Молдавија соопшти дека две руски беспилотни летала експлодирале на нејзина територија, а членката на НАТО Романија изјави дека нејзиниот воздушен простор најверојатно бил нарушен.

Главната управа за разузнавање на Украина (ГРУ) во соопштение на 13 февруари наведе дека нападите биле насочени кон воена единица во рускиот град Долгопрудни, која е одговорна за безбедноста на воздушниот простор над Москва.

„Експлозивна направа уништи два руски радарски системи „Валдаи“, дизајнирани за 24-часовно автоматско откривање и сузбивање на беспилотни летала. Ова е најновиот развој на рускиот воено-индустриски комплекс - првиот модел од својата класа што ќе го усвои армијата на државата агресор Русија“, се вели во соопштението на ГРУ.

Русија не ги коментираше тврдењата на ГРУ.

Москва започна сопствен масовен напад во раните утрински часови на 13 февруари, насочен кон јужниот украински регион Одеса.

Видете и ова: Зеленски: Украина не прифаќа договори меѓу Вашингтон и Москва без Киев

Олех Кипер, началник на воената администрација на областа, рече дека нападот ја оштетил пристанишната инфраструктура и неактивна образовна институција.

Додека локалните жители снимаа видеа од нападот, на ноќното небо над регионот беа забележани повеќе летечки објекти. Украинските власти прогласија тревога за воздушен напад во градот Измаил, во југозападна Украина, во близина на нејзините граници со Романија и Молдавија.

Молдавската претседателка Маја Санду изјави дека две руски беспилотни летала Шахед го нарушиле воздушниот простор на Молдавија и експлодирале на нејзина територија, додека романското Министерство за одбрана соопшти дека најверојатно два дрона влегле во нејзиниот воздушен простор.

„Русија не ги почитува границите, напаѓа цивили и шири терор. Нејзината војна против Украина е криминална. Оставете не нас, мирољубивите народи на мир“, напиша Санду на социјалната платформа Х.

Михаи Попсои, министер за надворешни работи на Молдавија, рече дека рускиот амбасадор ќе биде повикан поради инцидентите.

Последните напади со беспилотни летала ја истакнуваат ескалацијата на воздушниот конфликт меѓу Украина и Русија, при што двете страни започнаа прекугранични напади. Украина се повеќе ја гаѓа руската територија со беспилотни летала, додека Русија продолжува да ја бомбардира украинската инфраструктура, често напаѓајќи цивилни области.

Видете и ова: Руте: Киев мора да биде вклучен во мировните преговори за Украина

Во украинскиот град Херсон, руското гранатирање оштети висококатна станбена зграда, при што беа ранети две лица, изјави Олександр Прокудин, гувернер на областа Херсон.

Преку границата во Русија, регионот Липецк беше погоден од украински беспилотни летала, предизвикувајќи привремен прекин на електричната енергија во административниот центар, исто така наречен Липецк.

Гувернерот на Липецк Игор Артамонов ја пријави заканата со беспилотно летало на Телеграм и подоцна потврди дека е вратена струјата во неколку погодени области.

Артамонов рече дека остатоци од еден од дроновите паднале на вентилациона станица, при што е повреден еден вработен. Дополнителни остатоци од дрон биле пронајдени во две приватни резиденции, иако нема извештаи за жртви.