Филипче: Промената на Коцевски е обид за партизација

Венко Филипче, претседател на СДСМ

Промената на еден обвинител и замена со нов не е решение, туку е партизација. Ова денеска (13 февруари) го изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој смета дека не е добро да се прифати интерпелацијата на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

Ова како што рече Филипче не е во реформската агенда за правосудството, која е единствено решение за негова независност.

„Сметам дека тука станува збор за партизација. Не сакам да коментирам ничија експертиза и знаење, особено во судската власт. Апсолутно, се што отстапува од агендата за раст, не е реформа. Замена на едни луѓе со други – не е реформа, туку ризик за партизација“, рече Филипче.

Инаку пред два дена Владата на Северна Македонија донесе одлука за отпочнување постапка за разрешување на Коцевски. Одлуката ја донесе на 11 февруари, а законскиот рок од 15 дена за изјаснување на Советот на јавни обвинители за предлогот започнува да тече од денот кога ќе им биде доставен овој предлог од Министерството за правда.

Причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.

Видете и ова: Власта со „робустна акција“ во правосудството

И денеска од владејачката партија ВМРО ДПМНЕ, повторија дека јавното обвинителство на чело со Љупчо Коцевски наместо да го санкционира криминалот ги штити политичките елити блиски до СДСM.

„Функционирањето на Коцевски повеќе од 8 месеци е поразително. Коцевски со месеци ги штити поранешните функционери од СДС и ДУИ. Љупчо Коцевски 8 месеци нема покренато ниту едно обвинение. Љупчо Коцевски е целосно одговорен за не постапувањето и неработењето на обвинителите под него. Љупчо Коцевски е одговорен за ставањето под закрила на политичките криминалци од СДС и ДУИ, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Видете и ова: Коцевски по барањето за негово разрешување: „Секогаш сум работел согласно закон“

Коцевски на позицијата државен јавен обвинител беше назначен пред една година, по заминувањето во пензија на неговиот претходник Љубомир Јовевски. Тој има уште пет години мандат на оваа функција.

Коцевски регираше на обвинувањата тврдејќи дека секогаш работел согласно закон. Тој тврди дека не е првпат да се постапува на овој начин и дека било приоритет да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје, кој ќе биде гарант за професионално работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи.

Претседателката на Советот, Душица Димитриеска, најави дека ќе го почитуваат рокот и ќе се изјаснат по предлогот на Владата, откако ќе го добијат. И таа потенцираше дека изборот на раководител бил донесен едногласно во Советот на јавни обвинители и дека се работи за законска постапка.