Враќање на предвоените граници на Украина е нереално за американскиот секретар за одбрана

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на состанокот на воените сојузници на Украина во седиштето на НАТО во Брисел на 12 февруари 2025 година.

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет вели дека е „нереално“ да се очекува украинските граници да се вратат на предвоените позиции, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Киев може да и понуди на Москва територија заземена од украинските сили во рускиот регион Курск во замена за територијата окупирана од Русија, јави агенцијата Ројтерс.

Хегсет, на своето прво патување во странство откако беше потврден за функцијата, на состанокот на воените сојузници на Украина во седиштето на НАТО во Брисел денеска (12 февруари) изјави дека Вашингтон нема да распореди војници во Украина во ниту еден мировен договор што е склучен и дека Белата куќа не го гледа членството во НАТО како дел од решението на конфликтот.

Тој додаде дека американските сили нема да бидат дел од какви било безбедносни гаранции во мировниот договор.

„Ние сакаме, како и вие, суверена и просперитетна Украина. Но, мора да почнеме со признавање дека враќањето на границите на Украина од 2014 година е нереална цел“, рече Хегсет во најдиректната јавна изјава од американски функционер досега, за тоа како претседателот Доналд Трамп ќе пристапи кон завршување на речиси тригодишната војна.

Видете и ова: Што да очекуваме од првиот состанок на Пит Хегсет во НАТО?

„Да бидеме јасни, како дел од каква било безбедносна гаранција, нема да има американски војници распоредени во Украина“, рече Хегсет пред групата од околу 50 земји-членки кои ја поддржуваат Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.

Коментарите на Хегсет дојдоа откако Зеленски во интервју за Гардијан рече дека Украина е подготвена да „размени една територија за друга“, иако не знаеше каква територија Киев би побарал од Москва во замена за дел од регионот Курск кој моментално е под контрола на украинските сили.

„Не знам, ќе видиме. Но, сите наши територии се важни, тука нема приоритети“, рече Зеленски во интервјуто објавено на 11 февруари. Тој досега одбиваше да се откаже од која било територија што Русија ја зазеде од почетокот на нејзината инвазија во 2022 година.

Запрашан за коментарите на Зеленски, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека таков потег е „невозможен“.

„Русија никогаш не разговарала и нема да разговара за размена на нејзината територија“, рече тој.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговите војници ќе ги потиснат украинските сили од Курск, но одби да даде временска рамка кога очекува тоа да се случи.