Стотици руски војници се лекуваат во севернокорејските болници, тврди рускиот амбасадор

Дел од видео објавено од украинскиот претседател Володимир Зеленски на неговиот профил на Телеграм

Стотици руски војници се лекуваат во болниците во Северна Кореја, изјави руски дипломат, а овие наводи даваат дополнителен увид во обемот на соработката меѓу Москва и Пјонгјанг во војната во Украина.

Во интервју за државниот весник „Росискаја газета“, рускиот амбасадор во Северна Кореја, Александар Мацегора, даде малку детали за тоа колку Руси се хоспитализирани во Северна Кореја, но не прецизираше број на жртви или загинати.

„Јасен пример за братство меѓу Москва и Пјонгјанг е рехабилитацијата на стотици ранети војници од војната во Украина во корејските санаториуми и болници“, рече тој.

Москва му се обрати на Пјонгјанг за помош во војната во Украина околу шест месеци по почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.

Видете и ова: Зеленски подготвен на размена на заробените севернокорејски војници за украински

Западните разузнавачки претставници тврдат дека Русија купила милиони артилериски гранати од Северна Кореја, а овие наводи се поткрепени со сателитски снимки кои покажуваат реконструкција на железнички станици, мостови и пристанишни објекти долж нивната заедничка граница на брегот на Пацификот.

Минатата есен, севернокорејските војници почнаа да се појавуваат на боиштата долж руската граница, пред се во областа Курск, која Украина ја нападна во август.

Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун потпишаа договор за стратешко партнерство во ноември, продлабочувајќи ги економските и политичките врски на двете земји.

Западните и украинските власти тврдат дека во Курск се распоредени меѓу 10000 и 12000 севернокорејски војници и дека украинските војници заробиле непознат број од овие војници.

Видете и ова: Поранешен севернокорејски војник вели дека трупите „не се подготвени“ за борба против Украина

Сепак, минатиот месец, украинските власти објавија дека севернокорејските војници исчезнале од линијата на фронтот во Курск, очигледно поради големите жртви. Сè уште не е јасно дали овој контингент е целосно повлечен или се работи само за ротација.

Амбасадорот Мацегора, исто така, рече дека Русија ја снабдува Северна Кореја со јаглен, храна и медицински материјали и истакна дека некои деца на руски војници убиени во Украина се испратени на одмор во Северна Кореја.

Западните власти проценуваат дека руските загуби од почетокот на инвазијата на Украина пред речиси три години се повеќе од 700 000.