Длабоко жалам поради одлуката на Соединетите Држави да воведат царини за европскиот извоз на челик и алуминиум, објави претпладнево на платфoрмата X претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„ЕУ ќе дејствува за да ги заштити своите економски интереси. Ќе ги заштитиме нашите работници, бизниси и потрошувачи“, наведе Фон дер Лајен во реакција на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 25 отсто на увозот на челик и алуминиум во САД.
Таа додаде дека царините се даноци, кои се лоши за бизнисот, полошо за потрошувачите и на кои ЕУ ќе одговори.
„Неоправданите царини кон ЕУ нема да останат без одговор - тие ќе предизвикаат цврсти и пропорционални контрамерки“, потенцира Фон дер Лајен во објавата.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, претходно најави дека ако САД воведат царини и не и остават на ЕУ „друг избор“, тогаш „Унија ќе реагира обединето“.
„На крајот, трговските војни секогаш ги чинат двете страни просперитет“, додаде Шолц.
Трамп објави дека од утре (12 феврауари) ќе воведе царини од 25 отсто на увозот на челик и алуминиум.
Видете и ова: Трамп ќе најави нови царини, дополнително проширувајќи ја глобалната трговска војна„Утврдив дека увозот на челични производи се заканува да ја наруши националната безбедност и решив дека е неопходно да се прекинат овие аранжмани од 12 март 2025 година“, наведе Трамп во извршната наредба.
Оваа одлука, иако индиректно, најмногу е насочена кон сузбивање на влијанието на кинескиот челик на американскиот пазар.
САД директно увезуваат многу малку челик од Кина, која е најголемиот светски производител на челик. Сепак, кинескиот челик сè уште влегува на американскиот пазар преку други земји или преку погрешно означување на производите.
Главните американски добавувачи на челик се Канада, Бразил и Мексико.