Министерството за внатрешни работи потврди дека 35-годишниот Х.Б. од Скопје починал од повреди здобиени во престрелка што се случила ноќеска во скопската општина Чаир.
Од МВР информираа дека покрај убиениот, биле ранети уште двајца скопјани, А.Д. (35), кој бил итно опериран и задржан на лекување во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, како и Н.Д. (22), кој бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Во врска со инцидентот, полицијата во раните утрински часови уапсила четири лица, за кои постои сомнеж дека биле инволвирани во престрелката.
„Лицата се задржани во полициска станица, а по целосно расчистување и документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави“, додаваат од МВР.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на лице место, а според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица.
Од Основното јавно обвинителство соопштија дека од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење, а биле обезбедени и снимки од видео надзор.
Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините.