Масовни гробници со тела на мигранти пронајдени Либија

Aрхивска фотографија покажува вреќи со тела на мигранти кои се удавија во близина на Триполи во 2019

Две масовни гробници со тела на речиси 50 мигранти се пронајдени во југоисточна Либија, соопштија властите денеска (9 февруари), пренесе агенцијата АП.

Првата гробница со 19 тела беше пронајдена на 7 февруари на фарма во југоисточниот град Куфра. Добротворната организација Ал Абрин, која им помага на мигрантите во источна и јужна Либија, соопшти дека тие луѓе биле убиени.

Гробница со најмалку 30 тела е пронајдена исто така во Куфра по рација во центар за трговија со луѓе. Преживеаните мигранти изјавија дека таму биле закопани речиси 70 луѓе.

Масовните гробници на мигранти не се невообичаени во Либија, земја која е главна транзитна точка за криумчарење мигранти од Африка и Блискиот Исток во Европа.

Видете и ова: Фронтекс: Лани најмалку нерегуларни влезови во ЕУ од 2021 година

Групите за човекови права и агенциите на ОН со години документираат систематски злоупотреби на мигранти во Либија, вклучувајќи принудна работа, тепање, силување и тортура.

Пред да заминат за Европа, шверцерите ги ставаат мигрантите во гумени чамци и други пловни објекти несоодветни за ризичното патување низ Средоземното Море.

Оние кои се пресретнати и вратени во Либија, вклучително и жени и деца, се држат во центри за притвор управувани од владата, каде што исто така трпат малтретирање, вклучувајќи тортура, силување и изнуда.

Трговците со луѓе имаат корист од повеќе од една деценија војна и нестабилност во Либија, која западна во хаос по бунтот поддржан од НАТО во кој беше соборен и убиен долгогодишниот владетел Моамер Гадафи во 2011 година.