Севернокорејскиот лидер најави натамошен развој на нуклеарен арсенал

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на состанокот на владејачката партија во Пјонгјанг, 29 декември 2024 година.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја критикуваше трилатералната воена соработка меѓу САД, Јапонија и Јужна Кореја за поднување на тензиите во регионот и вети контрамерки, вклучително и понатамошен развој на нуклеарните сили.

Ким рече дека американското распоредување на стратешки нуклеарни средства, воените вежби и воената соработка со Јапонија и Јужна Кореја предизвикуваат воен дисбаланс во регионот и претставуваат сериозен предизвик за безбедносната средина, објави државната новинска агенција КЦНА.

„Северна Кореја не сака непотребна тензија во регионалната ситуација, но ќе преземе трајни контрамерки за да обезбеди регионална воена рамнотежа“, рече Ким за време на посетата на Министерството за одбрана.

Видете и ова: Северна Кореја тестираше хиперсонична ракета со голем дострел во Пацификот

Ким уште еднаш ја разјасни својата непоколеблива политика за понатамошен развој на нуклеарни сили, се вели во агенцискиот извештајот пренесен од Ројтерс.

Коментирајќи ја руската војна со Украина, Ким рече дека севернокорејската армија и народ секогаш ќе ја поддржуваат и охрабруваат праведната кауза на руската армија и народ да го бранат својот суверенитет, безбедност и територијален интегритет во согласност со духот на Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Северна Кореја и Русија.

Американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба во петокот (7 февруари) рече дека ќе одржуваат релации со Северна Кореја, но двајцата изразија загриженост за нејзината нуклеарна програма.