Дојави за бомби и во хрватски училишта, испратени од сервер во Африка

Знаме на Хрватска - илустрација

Голем број училишта во повеќе хрватски градови низ земјата денеска добија пријави за закани со бомби, слични на оние што ги добиваат училиштата во земјите од Европска Унија, а медиумите неофицијално јавија дека заканите иле испратени од истиот сервер кој наводно се наоѓа во Африка.

„Имаше 85 вакви пријави, а полициските службеници досега исклучија 60 училишта, така што наодите се негативни. Серверот е надвор од Хрватска и во тек е криминалистичко истражување“, изјави хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божовиќ.

Во истрагата вклучени се експерти по кибербезбедност и Европол.

Покрај исламистички закани, во електронската пошта има и најави за одмазда, а полицијата тврди дека нема причина за паника.

Полицијата исто така соопшти дека постапката во сите училишта е спроведена според утврдени протоколи, сите училишта се евакуирани, просториите се детално проверени, а мерките за безбедност се на највисоко ниво.

Видете и ова: Над 240 лажни дојави за поставени бомби, од БЈБ велат дека безбедноста е стабилна

Денеска, предмет на лажни дојави за бомби беа и училиштата во Северна Македонија.

Македонската полиција евидентирала над 240 дојави за поставени бомби во училиштата и за сите е утврдено дека се лажни, изјави денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев од Тетово.

По шест часа од првата дојава и работа на терен тој оцени дека безбедноста низ целата држава е стабилна.