Во Австралија, најмалку една година затвор за нацистички поздрав

Австралискиот закон против омраза е усвоен по серија антисемитски напади, вклучувајќи го и палењето на синагогата во Мелбурн на 24 декември 2024 година.

Австралиските законодавци денеска (6 февруари) усвоија закон против омраза кој предвидува минимални казни за голем број на кривични дела, вклучувајќи и една година затвор за нацистички поздрав - јави АФП (AFP).

Законот е усвоен со поддршка на централно-левичарската Лабуристичка влада и конзервативната опозиција по серијата антисемитски напади.

Минатата недела полицијата соопшти дека води истрага бидејќи пронашла рударски експлозив во камп приколка во предградието на Сиднеј, заедно со писмени закани кон еврејските ентитети.

Во последните месеци, вандали запалија центар за грижа деца во Сиднеј, ја запалија синагогата во Мелбурн и испишаа антисемитски графити во еврејските населби.

Видете и ова: Пожарот во синагогата во Мелбурн е прогласен за терористички напад

Амандманите на австралискиот кривичен законик предвидуваат минимални казни, вклучувајќи 12 месеци затвор за нацистички поздрав, три години за финансирање на тероризам и шест години за прекршоци како учество во терористички акт.

Исто така, се заоструваат казните за кривични дела поврзани со заговарање на насилство и создаваат нови кривични дела за закани со насилство или оштетување на имот.

Премиерот, Ентони Албанезе ја бранеше својата поддршка за задолжителни минимални казни во новиот закон, и покрај долгогодишното противење на неговата партија на таквите мерки.
„Она што го направивме, преку нашето законодавство, гарантира дека имаме силни закони", изјави тој за новинарите.

„Сакаме луѓето кои се вклучени во антисемитски активности да бидат фатени, обвинети и ставени во затвор. Тоа е мојот приоритет", рече Албаниз.