Годишна конференција на евроамбасадорите во Брисел

илустрација

Над 145 шефови на делегациите и канцелариите и на воените и цивилните мисии на ЕУ ширум светот, специјалните претставници и пратеници на блокот и раководителите на претставништвата на Европската комисија во сите 27 земји членки, ќе се соберат на Годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија, што од денеска (3 февруари) до петок ќе се одржи во Брисел.

Конференцијата, чиј домаќин првпат ќе биде новата висока претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, оваа година е насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“.

Дискусиите на собирот ќе бидат фокусирана на унапредување на надворешно-политичките приоритети на ЕУ во услови на значајните геополитички промени во светот предизвикани од руската агресија врз Украина, конфликтот на Блискиот Исток и падот на режимот Башар Асад во Сирија.

Видете и ова: Фон дер Лајен: Во геополитички променет свет, ЕУ мора да ги одбрани своите вредности

Евроамбасадорите ќе имаат можност да дебатираат со лидерите на европските институциите и другите учесници на собирот за одговорот на Европската Унија на случувањата и предизвиците надвор од нејзините границите и да ги пренесат своите сознанија и согледувања од теренот.

Конференцијата ќе ја отвори Калас со обраќање пред евроамбасадорите посветено на стратешките приоритети и задачи на ЕУ за следните месеци и години. Во текот на утрешното продолжение на Конференцијата пред учесниците ќе се обратат и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Во следните денови во рамки на Конференцијата ќе се одржат повеќе сесии посветени на надворешната политика, безбедноста, одбраната и проширувањето на Унија, на хибридните закани и манипулациите со информации, на одговорот на кризи на ЕУ, на дигиталната транзиција, јавната дипломатија, како и на можностите на блокот за поблиска соработка со своите сојузници.