Српскиот претседател Александар Вучиќ донесе 13 одлуки за помилување, а на списокот на помилувани има студенти, професори и директори на неколку училишта, објави Претседателството на 29 јануари.
Одлуката доаѓа два дена откако Вучиќ најави дека ќе помилува студенти и професори против кои се води кривична постапка за учество во масовните протести кои се организираат низ Србија во последните три месеци.
На протестите се бара кривична и политичка одговорност од властите за несреќата на 1 ноември во Нови Сад во која загинаа 15 лица.
Видете и ова:
ЕУ е загрижена, но главно молчи за студентските протести во СрбијаЕдно од барањата на студентите, кои блокираат десетици државни факултети во Србија, беше да се запре кривичната постапка против демонстрантите уапсени од полицијата за време на протестите - меѓу кои имаше и студенти и професори.
Решенијата за помилување од Вучиќ се доставени до Министерството за правда за понатамошни постапки.
Бранот протести во Србија, кој изнесе десетици илјади граѓани на улиците, беше поттикнат од уривањето на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Студентите со блокадите и протестите бараат надлежните да ја објават и комплетната документација за реконструкцијата на станицата, за да се утврди кривична одговорност за несреќата.
Илјадници бараат правда: Генерален штрајк во Србија
Тие бараат и кривично да се гонат сите напаѓачи на студенти и професори за време на протестите.
Претседателот на Србија на 27 јануари изјави дека се исполнети сите студентски барања, но студентите продолжија со протестите.
По нападот на група студенти пред канцелариите на владејачката Српска напредна партија, српскиот премиер Милош Вучевиќ на 28 јануари поднесе оставка, а истото го направи и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.