Руска делегација во прва посета на Сирија по падот на Асад

Сирискиот претседател Башар ал Асад и рускиот претседател Владимир Путин

Првата руска официјална делегација што ја посетува Сирија по соборувањето на московскиот сојузник Башар ал Асад пристигна во Дамаск, пренесува АФП повикувајќи се на државни руски медиуми.

Во делегацијата се заменик министерот за надворешни работи Михаил Богданов, кој е и специјален претставник на претседателот Владимир Путин за Блискиот Исток и Африка, како и Александар Лаврентиев, специјален претставник на претседателот за Сирија.

Се наведува дека тоа е „прва посета на руски официјални претставници на Дамаск“ откако Асад побегна во декември, соочен со молскавичното напредување на бунтовниците низ целата земја.

Москва беше еден од клучните поддржувачи на Асад, интервенирајќи во граѓанската војна во Сирија во 2015 година во негова корист. Тој и неговото семејство побегнаа во Русија по неговото соборување.

Видете и ова: По неуспехот во Сирија, Русија префрлува воена опрема во Африка

Русија сега се обидува да ја обезбеди судбината на својата поморска база во Тартус и нејзината воздухопловна база во Хмеимим (и двете на медитеранскиот брег на Сирија и единствените воени пунктови на Москва надвор од поранешниот Советски Сојуз) со новите сириски власти.

Исламистичката група предводена од сирискиот привремен водач Ахмед ал Шара-Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ) - е забранета во Русија како „терористичка“ организација.

Организацијата е вкоренета во сирискиот огранок на Ал Каеда, но неодамна најави дека ќе води умерена политика.

Шара во декември ги истакна „длабоките стратешки интереси меѓу Русија и Сирија“ во интервју за ТВ каналот Ал-Арабија.

„Целото оружје на Сирија е од руско потекло, а многу електрани се управувани од руски експерти. Не сакаме Русија да ја напушти Сирија на начин на кој некои сакаат“, додаде Шара.

Американски и украински дипломати ги посетија новите владетели на Сирија во декември.