Германскиот канцелар Олаф Шолц и данската премиерка Мете Фредериксен се сретнаа во вторник (28 јануари), изразувајќи солидарност откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно зборуваше за неговите планови за Гренланд.
Трамп изрази желба овој арктички остров, за кој се верува дека има големи неискористени резерви на минерали и нафта, да стане дел од САД.
Ниту Шолц, ниту Фредериксен, директно не го спомнаа Трамп или автономната данска територија во нивните изјави пред новинарите во Берлин, но Шолц, откако зборуваше за војната во Украина, нагласи дека „границите не смеат да се поместуваат со сила“, пренесува АФП.
Канцеларот рече дека „времето во кое живееме е предизвикувачко“ и бара силна Европа и НАТО, нагласувајќи дека „Данска и Германија се силни партнери и блиски пријатели“.
Тој додаде дека двете земји гледаат на светот на сличен начин.
„Свесни сме за важноста на безбедносната политика во денешно време и за вредноста што Европската Унија ја има за нас“, рече Шолц.
„Нашиот континент, Европа, е заснован на идејата дека соработката, а не конфликтот, ќе доведе до мир, напредок и просперитет и нека ја почитуваме таа идеја“, рече Фредериксен.
Трамп со години зборува за можен договор со Гренланд, а на новинарите во саботата им рече дека верува дека САД ќе го „добијат Гренланд“, објаснувајќи дека на неговата земја тоа и треба за „меѓународната безбедност“.
Видете и ова: Гренланд - островот богат со ресурси што го сака ТрампОстровот, потсетува АФП се наоѓа помеѓу САД и Европа, регион со зголемена стратешка вредност бидејќи топењето на мразот на Арктикот отвора нови бродски рути.
Нордиските лидери го истакнаа своето единство во одбраната на состанокот минатиот викенд, изјави претходно данскиот премиер, додавајќи дека сите разбираат колку е сериозна ситуацијата.
Зборувајќи за украинската војна, Шолц рече дека Европа и САД се согласиле дека конфликтот, кој трае речиси три години, мора да заврши, но не под руски услови.
„Се согласуваме со нашите партнери во Вашингтон дека оваа војна мора да заврши, но не со диктиран мир“, рече канцеларот, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „мора да биде свесен дека ги испраќа своите војници во бесмислена битка“.