Украина и Блискиот Исток во фокус на европскиот Совет за надворешни работи

Седница на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел (илустрација)

Последните случувања поврзани со руска агресија врз Украина, состојба на Блискиот Исток и односите меѓу Европската Унија и САД, се главните теми на денешното заседание (27 јануари) на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Состанокот на министрите за надворешни работи ќе започне со неформална размена на мислења преку видео конференциска врска со нивниот украински колега Андриј Сибиха за најновиот тек на настаните во Украина поврзани со руската агресија и актуелните приоритети на земјата.

По ова европските министри ќе дебатираат за начините за засилување на воената поддршка на ЕУ за Украина, која опфаќа снабдување со муниција и системи за противвоздушна одбрана и обука и опремување на украинските вооружени силите.

Министрите ќе дискутираат за можностите за зголемување на притисокот врз Русија, вклучително и за 16-тиот пакет на санкции чија подготовка е во тек, како и за напорите за обезбедување одговорност и за финализирањето на работа на Основната група за Специјалниот трибунал за злосторства извршени при руската агресија.

Видете и ова: Украинскиот шеф на дипломатијата Сибиха ја поздрави пораката на Трамп до Русија

ЕУ и нејзините претставници досега во повеќе наврати ја потврдуваа непоколебливата посветеност за обезбедување континуирана политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ онолку долго и интензивно колку што е потребно, како и поддршката за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право, во согласност со клучните принципи и цели на украинската формулата за мир.

За време на работниот ручек министрите за надворешни работи ќе разменат мислења за односите ЕУ-САД, во светло на стапувањето на должност на новиот американски претседател Доналд Трамп.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во обраќањето до Давос, Трамп се закани со санкции за Русија доколку не заврши војната

Целта на дискусијата е да се идентификуваат предизвиците, да се договорат приоритетите, да се мапираат можностите за позитивна агенда и да се координира ангажманот меѓу земјите-членки во односите со САД.

Земјите членки на ЕУ се согласни околу потребата од изградба на „блиски и позитивни односи“ со новата Американска администрација и заеднички ангажман за приоритетите на надворешната и безбедносната политика и за одржување позитивни трговски и економски односи меѓу Унијата и САД.

Во попладневното продолжените на заседанието на Советот ќе се дискутира за најновите случувања на Блискиот Исток по договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и Хамас, како и за состојбите во Сирија и во Либан.

Покрај ова, шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ на состанокот ќе разговараат и за прашања поврзани со безбедноста и одбраната и за случувањата во Молдавија и Грузија, а планирано е и да ги одобрат заклучоците за приоритетите на Унијата на форумите на ОН за човекови права во текот на 2025 година.