Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ги поздрави изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повикува на мировен договор меѓу Украина и Русија и се заканува дека ќе воведе санкции против Русија доколку Москва одбие.
На 23 јануари, на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија, Сибиха рече дека пораката на Трамп е „навистина силна“ и повика на зголемен притисок врз Русија за да ја принуди Москва да преговара.
„Потребно ни е американско лидерство. Ни треба поголем ангажман на САД“, изјави Сибиха пред глобалната бизнис елита.
Ден откако беше инаугуриран на 20 јануари, Трамп рече дека ќе воведе дополнителни санкции кон Русија за да ја доведе на преговарачка маса, но не кажа конкретно што ќе таргетира.
Трамп потоа го повика рускиот претседател Владимир Путин по име, предупредувајќи ја Москва дека се соочува со нови „високи“ царини, даноци и санкции доколку брзо не ја прекине својата целосна инвазија на Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 23 јануари изјави дека Москва „не гледа некои особено нови елементи“ во изјавите на Трамп. Аналитичарите велат дека Путин верува дека ја добива војната и затоа не гледа причина да ги прекине борбите.
Видете и ова: Кремљ: Нема ништо ново во заканите за санкции од ТрампПодоцна, на 23 јануари, Трамп ја повика Саудиска Арабија и нејзините сојузници во ОПЕК (Организација на земјите извознички на нафта) да го зголемат производството на нафта, што ќе ги намали цените на нафтата, задушувајќи го клучниот извор на приходи за Москва за финансирање на војната.
„Ако цената на нафтата падне, војната „ќе заврши веднаш“, рече Трамп во говорот преку видео врска на Светскиот економски форум.
Трамп подоцна им рече на новинарите во Белата куќа дека би сакал веднаш да се сретне со Путин за да обезбеди крај на руската целосна инвазија на Украина.
„Од она што го слушам, Путин би сакал да ме види и ќе одам штом ќе можам поскоро. Веднаш би се сретнал. Додека не се сретнеме, војниците ги губат животите на бојното поле“, рече Трамп.
Тој додаде дека украинскиот претседател Володимир Зеленски му рекол дека е подготвен да направи договор за ставање крај на војната.
Сибиха го истакна зајакнувањето на Украина, што, како што рече, ќе овозможи стабилизирање на ситуацијата на фронтот.