Мексиканските власти почнаа да градат огромни шаторски засолништа во градот Сиудад Хуарез за да се подготват за можен прилив на Мексиканци согласно со масовните депортации што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп.
Привремените засолништа во Сиудад Хуарез ќе имаат капацитет да сместат неколку илјади луѓе и треба да бидат готови за неколку дена, изјави општинскиот функционер Енрике Ликон, пренесува Ројтерс.
„Ова е без преседан“, рече Ликон додека работниците ги растовараа долгите метални потпори од тракторски приколки паркирани покрај Рио Гранде, реката што го дели градот од Ел Пасо во Тексас.
Шаторите во Сиудад Хуарез се дел од планот на мексиканската влада да подготви засолништа и прифатни центри во девет градови низ северно Мексико.
Видете и ова:
Папата Франциск го нарече „срамен“ планот на Трамп за депортирање имигрантиВластите на локациите на депортираните Мексиканци ќе им обезбедат храна, привремено сместување, медицинска нега и помош за добивање лични документи, се вели во владиниот документ во кој се опишува стратегијата наречена „Мексико ве прегрнува“.
Владата, исто така, подготвува голем број автобуси за превоз на Мексиканците од прифатните центри назад во нивните родни места.
Трамп вети дека ќе ја спроведе најголемата акција за депортација во историјата на САД и ќе отстрани милиони имигранти од земјата. Сепак, операција од тој размер веројатно би траела со години и би била многу скапа.
Речиси пет милиони Мексиканци живеат илегално во САД, според анализата на мексиканскиот тинк-тенк El Colegio de la frontera norte, врз основа на неодамнешните податоци од американскиот попис.